Промена на пневматици
1. Центрирање трап
Центрирањето на трап претставува усогласување на аглите на тркалата со цел тие да бидат нормални на подлогата (хоризонтала) а истовремено да бидат и меѓусебно паралелни. Целта на ова подесување е зголемувањето на животниот век на гумата, како и подобро држење на правец на автомобилот на рамен пат. Геометријата на тркалата меѓутоа може да биде понекогаш нарушена, што истовремено предизвикува и неправилно движење на тркалата и возилото. Како последица на тоа доаѓа до неправилно трошење на гумите, како и занесување на возилото во една насока за време на возењето. Ова воедно се и првите симптоми за неисправен трап. За корекција на оваа аномалија потребно е центрирање на предните тркала, а понекогаш и на сите четири, зависно од конкретната ситуација и типот на возилото. Со оглед на состојбата на нашите патишта ( дупки и нерамнини )како и лошите навики на возачите за преминување преко тротоари, потребно е периодично да се врши преглед на состојбата на трапот, со што се обезбедува сигурно возење и правилно трошење на гумите.
Препорака е оваа проверка да се врши еднаш годишно, на 10.000 км или при замена на старите гуми со нови.
2. Балансирање на тркало
На тркалото како и на сите други тела кои се вртат, дејствува центрифугална сила . Доколку не е избалансирано се јавува дебаланс кој се манифестира со вибрација на воланот или на целото возило и тоа на брзини поголеми од 70 kм/ч. Балансирањето претставува постапка со која се врши урамнотежување на сите маси на тркалото. Тоа се прави со додавање на тегови на точно одредено место на фелната и треба да се направи на сите четири тркала , бидејќи дебалансот од задното тркало исто се пренесуво до воланот и возилото. Доколку балансирањето не се направи благовремено, гумите ќе се трошат побрзо и понерамномерно, ќе страдаат лежиштата (лагерите) амортизерите и другите елементи од подвозјето. Затоа гумите се балансираат при секое вадење и ставање повторно на фелна. Во некои случаи вибрацијата или дрмање на возилото се јавува како последица на крива фелна или гума и тоа најчесто се чувствува на помали брзини и потоа постено се губи.
Во нашиот сервис може да се балансираат тркала за сите видови моторни возила со големина на фелна до 22” , како и специфичните ( “слепи’’ ) фелни без средишен отвор.
3. Промена на сопирачки
Сопирачките претставуваат уред кој служи за успорување или потполно застанување на возилото. Со своето делување произведуваат сила која делува во спротивен правец од правецот на вртење на тркалото. Сопирачките се еден од најважните делови на возилото и при тоа најмногу се мисли на безбедносниот момент, бидејќи тоа е елемент кој не смее да откаже во било кој момент од движењето на возилото. Поради тоа неопходно е истите редовно да се прегледуваат и во даден момент да се изврши нивна замена поради оштетеност или дотраеност.
Најчести делови кои се менуваат се сопирачки диск и диск плочки, а нашиот сервис работи и вградува најквалитетни делови од реномирани производители како : ATE, BREMBO, WAGNER, ZIMMERMANN, FERODO, LPR и други реномирани производители, за сите видови возила.