Хомологација
Единечно одобрување на возило
Единечното одобрување на возила е постапка во која органот за одобрување (Биро за метрологија на РМ) врз основа на наоди на техничка служба потврдува дека прегледаното единечно возило, уникатно или не, ги исполнува пропишаните барања и согласно со тоа му се издава одобрение за единечно возило.
Постапката за единечно одобрување на возило се спроведува:
- за возило чиј што тип не бил одобрен во согласност со одредбите од Законот за возила и прописите донесени врз основа на овој закон;
- во случај на повеќефазно изработување на возило за посебните фази на изработка, доколку некоја од тие фази се предмет на постапка на повеќефазното одобрување.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ :
- Лична карта (физичко лице)
- Тековна состојба (правно лице)
Цената зависи од категоријата на возилото.
Идентификација на возила
„Идентификација” е постапка во која се утврдува истоветноста на возилото и неговите основни технички податоци со помош на приложената документација и/или со проверка на податоците во регистарот на податоци на возила.
Постапката за идентификација на возилата се спроведува во рокови и за возила утврдени со член 24 од Законот за возила.
Идентификација и оцена на техничката состојба на возила
„Оцена на техничката состојба на возилото” е постапка во која визуелно се проверува неговата целосност и способност за безбедно возење во сообраќајот на патиштата, односно за безбедна работа при извршувањето на земјоделски и шумски работи, како и проверка дали возилото не било преправено, односно поправано во согласност со член 19 од Законот за возила.
(1) Постапката за идентификација и оцена на техничката состојба на возилата се спроведува за нови возила за кои типот е одобрен во согласност со хармонизираните прописи за ЕУ одобрување на тип, како и за возило за кое типот е одобрен во Република Македонија, а за конкретното возило странката нема обезбедено потврда за сообразеност издадена од застапникот на производителот во Република Македонија.
(2) Постапката од ставот (1) на овој член може да се спроведе само ако техничките барања врз основа на кои е добиено ЕУ одобрување на тип, односно одобрување на типот во Република Македонија, се најмалку на нивото на техничките барања кои се во примена за соодветното возило.
(3) Листата на техничките спецификации, еквивалентните со нив правилници на ECE за возилата, во постапката за идентификација и оцена на техничката состојба, како и временскиот период за нивна примена е дадена во Прилог 1, кој е составен дел на овој правилник.
(4) Во случај кога во постапката на идентификација и оцена на техничката состојба се утврди дека возилото е преправено или поправено, постапката се прекинува, а одобрувањето на возилото, согласно одредбите од член 57 став (1) алинеја 3 од Законот за возила може да продолжи кај техничката служба овластена за одобрување на соодветниот вид на преправки.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ :
- Лична карта (физичко лице)
- Тековна состојба (правно лице)
Цената зависи од категоријата на возилото.
Член 24 – Закон за возила Сл.весник бр.140/2008
Идентификација на возилата
(1) Кај правното лице за технички преглед овластено за изведување на постапката за идентификација и/или идентификација и оцена на техниќката состојба на возилата се спроведува постапка за идентификација на возилата што првпат се регистрираат во Република Македонија за потребите на:
1)меѓународни и меѓудржавни организации – за службено користење;
2)дипломатски и конзуларни претставништва на други држави во Република Македонија – за службено користење;
3)дипломатски и конзуларни лица вработени во странските претставништва во Република Македонија и членовите на нивните потесни семејства – за приватно користење;
4)државјани на Република Македонија кои се враќаат од постојана или привремена работа или престој во странство, доколку биле во странство најмалку една година без прекин;
5)странски државјани на кои им е издадено одобрение за привремен или постојан престој во Република Македонија;
6)хуманитарни организации за извршување на нивните хуманитарни работи и
7) возила кои пред повторното внесување во Република Македонија, еднаш биле регистрирани во Република Македонија.
(2) Постапката на идентификација на возилата од ставот (1) на овој член се врши само врз основа на приложена документација, без преглед на возилото и без барање за сообразување со други прописи од областа на возилата.
(3) Идентификација на возила од ставот (1) точка 3 на овој член не се однесува на државјаните на Република Македонија.
(4) Идентификација на возилото од ставот (1) точки 4 и 5 на овој член може да се изврши во рок од една година од постојаното враќање, односно добивање на дозвола за постојано или привремено престојување, ако возилото претходно било во сопственост на барателот најмалку шест месеца пред влегувањето во Република Македонија.